Пред нас е уште еден светски ден на шегата и смеата. Светот се чини запре со се останато и сите се насочени кон пандемијата од коронавирусот, но барем малку денеска обидете се да бидете и останете позитивни и да го подобрите вашето расположение во услови на изолација.

Иако нема човек кој не знае што претставува 1 април и познатото „Апри-ли-ли”, прашање е и дали историчарите знаат да го одредат датумот на овој „празник”.

Многу теоретичари го застапуваат мислењето дека Французите се тие кои околу 1500 година со еден потег направиле пресврт не само на календарската, туку и во историјата на општествената забава.

Историјата за шегувањето на 1 април е завиткана во тајна. Некои толкуваат дека оваа традиција е пренесена од Исток, а некои дека влече корени од стариот Рим.

Откако го промениле календарот, поставувајќи го новогодишниот празник на почетокот на јануари наместо дотогашниот римски календар кој почнувал кон крајот на март или почетокот на април, ненамерно фиксирале уште еден важен датум – 1 април. Бидејќи светот, навистина полека но сигурно почнал да го следи новиот календар, оние кои ја прославувале Нова година на пролет Французите ги нарекувале „априлски будали”. Така со векови, подоцна 1 април најспонтано пораснал и останал „ден на будалите”, „ден на сите луди” и „ден на шегата и смеата”.

Друга група на теоретичари овој ден го поврзуваат за многу одамнешен историски термин. Имено, тие тврдат дека 1 април како „ден на сите луди и апсурди” постоел пред повеќе илјади години кај старите Римјани. Тие на тој ден со гозба ја дочекувале не само Новата година туку и пролетта и раѓањето на природата.

Трети, главно британски теоретичари, имаат документи кои говорат дека 1 април како датум и обичај е пренесен од Истокот.

Во секој случај на почетокот на одбележувањето на 1 април, луѓето во светот не биле толку „сурови” како денес, па шегите, досетките и геговите меѓу пријателите и семејството пред се се однесувале на моменти од типот „ти се посрала птица на главата” и „одврзана ти е патиката”. Кога шегата се откривала, на насамарениот извикнувале „априлили” или во странство најчесто „глупав!”.

Без оглед на степенот на развојот на општеството, сите народи на светот со задоволство го вовеле овој обичај, кој трае се до модерното време.

Во Франција денес за тој кој е прелажан се вели дека добил „априлска риба”. Англичаните сметаат дека денот на шегата е преземен од Истокот, а 1 април го нарекуваат „Ден на сите глупаци”. Финците тој ден го поврзуваат со пролетни подучувања на децата за работите на нива, а слично е и во Швајцарија, без оглед на говорното подрачје на таа држава. Во Ајндховен во Холандија, се одржува своевидна традиција на денот на шегата 1 април: весниците се тркаат да објават ексклузивни вести, на пример за доаѓање на некој светски државник во тој град, или за болести, за експерименти во атомистиката.

Германците 1 април го сметаат за ден кога лесно се почувствуваат несреќни, а своето лошо сеќавање помалку го поврзуваат за наседнување на шегите, а повеќе за преданието дека на 1 април се родил апостол Јуда, предавник на Исус Христос. На пример, во Баварија, посебно во околината на Вестервалд, шеги слични на првоаприлските се случуваат дури на 1 мај.

Светот памти десетици величествени „вистини” од кои ќе ги наброиме само тие „најуспешните”.

– Џонатан Свифт, автор на познатата книга „Гуливеровите патувања”, на 1 април во 1713 година објавил дека еден од убиените криминалци ќе се врати од мртвите за да се напие пиво во локалниот паб. На тој ден сите пабови биле полни со луѓе кои дошле да го видат „мртовецот како пие пиво”.

– Холандската национална телевизија во 1950 година објавила дека се урнала Кривата кула во Пиза. Во време без интернет, кога информациите не можеле толку брзо да се проверат, веста предизвикала вистински шок во Холандија.

– Водителот на Би-Би-Си Ричард Димбилби во 1957 година подготвил документарец за рекордна жетва на шпагети во швајцарските Алпи. Редакцијата на Би-Би-Си била презафатена од јавувања на луѓе кои сакале повеќе детали за „новата земјоделска гранка”.

– Во 1962 година телевизорите во боја биле вистинска реткост. Шведската национална телевизија тоа го искористила и на своите гледачи пласирала информација дека приемниците за момент можат да ги претворат во боја, ако преку телевизорот навлечат хулахопки.

– Една од попознатите првоаприлски шеги ја приредил поранешниот весник „Политика експрес” кога на 1 април во 1964 година за тоа време објавил неверојатна вест дека омилениот Драгослав Шекуларац од „Црвена ѕвезда” преминува во „Партизан”. Веста била на насловна страна, а на последната пишувало „Апри-ли-ли!”.

– Во 1966 година американската компанија за брза храна „Тако бел” објавила дека од американската влада ќе го купи „Ѕвоното на слободата” (познатото „Liberti bell”) и дека ќе го преименува во „Тako Liberti bell”. Тоа ѕвоно е еден од најубавите споменици од времето на американската револуција, па стотици луѓе се упатиле на протест. Се смириле дури откако компанијата „Тако бел” објавила дека тоа е само шега.

– На еден жител на Алјаска на 1 април во 1974 година му било многу досадно па запалил неколку стотици гуми на врвот на вулканот Монт Еџкамб, кој речиси 3.000 години не е активен. Густиот црн чад ги натерал жителите масовно да бегаат од блиските села додека момчето на врвот на вулканот многу се забавувал.

– Уважениот британски астроном Патрик Мур на 1 април во 1976 година објавил дека ретката положба на планетите привремено целосно ќе ја смени Земјината гравитација и поради тоа сите луѓе некое време ќе имаат прилика да лебдат! Стотици слушатели се јавувале во редакцијата да дознаат дали експериментот успеал.

– На 1 април во 1988 година научното списание „Њу мексиканс фор сајенс” објавиле вест дека собранието на американската држава Алабама ја променило вредноста на бројот Pi од математичката константа 3,14 на библиската 3,00.

– Американскиот ланец на ресторани за брза храна „Бургер кинг” во 1998 година лансирал вест дека пуштил во продажба хамбургер прилагоден на левораките луѓе. Не само што левораките порачувале таков хамбургер, туку и деснораките инсистирале да добијат од старите хамбургери, лути поради дискриминација.

– Славниот концептуален уметник Скагс веќе со години објавува дека на 1 април ќе организира посебна парада во Њујорк. Секогаш се собираат новинари, но можат само да известат дека повторно наседнале на првоаприлска шега. Сепак, упорно доаѓаат, бидејќи никогаш не се знае.

Ни 21 век не е имун на 1 април па медиумите продолжиле да се тркаат кој ќе смисли поневеројатна „вистина”.

– Многу корејски и кинески сајтови на 1 април 2003 година пуштиле вест дека Си-Ен-Ен објавил дека е убиен сопственикот на „Мајкрософт” Бил Гејтс. Резултатот на сето ова бил вкупен пад на акциите на корејската берза за 1,5 отсто.

– Британскиот весник „Дејли меил” на 1 април 2006 година објави дека британскиот премиер Тони Блер ја бојадисал во црвена боја вратата на Даунинг Стрит, која традиционално е обоена во црно, додека „Тајмс” објавил текст за нов заштитен систем на кредитните картички, кој се активира со пеење.

– Шведскиот водечки весник „Дагенс нихетер” на 1 април 2006 година преплаши илјадници велосипедисти со тврдењето дека власта во Стокхолм ќе воведе ограничување на брзината на велосипедистите на 20 километри на час во строгиот центар на градот.

– Во Белгија истата година, радио мрежата VRT јави дека регионалната влада во Фландрија толку е загрижена поради влијанието на лошото време во земјата на населението, што одлучила да врачи 10.000 „сончеви чекови” на граѓаните за бесплатни посети на солариуми.

– Радиото „Вест милендс” од Бирмингем во 2007 година објави дека Мајкл Џексон се преселил во тој град. Направиле лажна, убедлива видео снимка на поп ѕвездата на улиците на Бирмингем и ја поставиле на својот сајт, на кој ги упатувале слушателите.

– Водителот Ник Таф од британската радио станица „Вест” на 1 април 2007 година, додека бил во програма му се јави на јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела, претставувајќи се како британскиот премиер Тони Блер. На крај на опуштениот разговор, водителот го праша Мандела што правел тој ден, индиректно насочувајќи го на заклучокот дека е насамарен.

Медиумите во Србија исто така и кога е „денот на смеата и шегата” ги следеа трендовите на колегите од светот, па така во последните десет години на 1 април читаа дека поранешниот премиер поднесува оставка и се повлекува од јавниот живот, дека Европската унија ги укинала визите за граѓаните, дека пензиите се зголемени за 300 отсто, а сите лекови се ставени на позитивната листа.

Можеби најуспешната шега се одиграла на сметка на српскиот министер Велимир Илиќ. На 1 април во 2004 година Илиќ наседнал на првоаприлска шега на новосадското Радио 021. На прашањето на новинарот дали ќе го прими извесен Стив Богдановиќ, наводно најбогат Србин кој живее во Чикаго, заинтересиран да инвестира во крупни проекти во Србија, Илиќ одговорил дека веќе разговарал со тоа лице. „Тој беше во министерството, се работи за болница која сака да ја гради и уште неколку објекти. Тоа не е ништо спорно” – рекол Илиќ. На министерот му рекле дека Богдановиќ е заинтересиран да инвестира пари за изградба на жичара до Петроварадинската тврдина, како и дека на столбовите на поранешниот мост Франц Јозеф ќе изгради два мини-ресторани и „тунел за забава”. Не му рекле само дека Стив Богдановиќ не е вистинска личност.

Не постои подобар совет од тој за 1 април на лицето наутро да „навлечете” насмевка, да смислите за блиските по некоја добронамерна шега на нивна сметка, а во текот на денот да им простите на тие кои ќе ви упатат првоаприлска шега. Сетете се дека најсмешниот ден во годината не трпи суети и злопамтила.