Европската Комисија денеска го усвои својот годишен буџет за хуманитарна помош во износ од 900 милиони евра за оваа година.

-Хуманитарната помош на ЕУ ни овозможува да спасиме милиони живот во целиот свет со активирање на светската солидарност на ЕУ, меѓутоа хуманитарните кризи се сѐ покомплексни и посериозни. Иако конфликтите остануваат главна причина за гласот и раселувањето, нивните последици сериозно се влошуваат со климатските промени, изјави комесарот задолжен за хуманитарна помош и управување со кризи, Јанез Ленарчич.

Службите на Европската Комисија за хуманитарна помош работат во повеќе од осумдесет земји во светот погодени од војни, конфликти или природни катастрофи.

-Должност на Европа е да покаже солидарност и поддршка за оние на кои им е потребно. Нашата помош зависи од непречен хуманитарен пристап за организациите да можат да спасат животи, изјави Ленарчич.

Од новиот буџет 400 милиони евра ќе се издвојат специфично за програми на африканскиот континент, посебно за лицата засегнати од крвави конфликти како Демократска република Конго, Јужен Судан, Чад или пак Централноафриканската република.

345 милиони евра се наменети за кризата во Сирија и околните земји како и војната во Јемен.

За Азија и Латинска Америка се предвидени 111 милиони евра, пред сѐ за Венецуела и соседните земји.

Од ЕУ велат дека ќе продолжат да му помагаат и на Авганистан, како и на Мјанмар и Бангладеш кои се соочуваат со бегалската криза на Рохингите.