Еден од најталентираните македонски кошаркари во моментов, Андреј Јакимовски, момчето од Крива Паланка, одигра фантастично во дресот на Пиемонте во италијанската јуниорска лига, откако во победата против Палаканестро колеџ (93-89) постигна дури 42 поени на кои додаде 20 скока.

Станува збор за еден од лидерите на репрезентацијата на Македонија за играчи до 18 години, кој втора сезона по ред игра на Апенинското полуострово, каде што истовремено настапува и за третолигашот Баскет Торино во сениорска конкуренција.

Јакимовски има 18 години, висок 200 сантиметри и игра на позицијата ниско крило. Тој беше еден од најдобрите во селекцијата која летово за малку не се пласира во А-дивизијата, односно беше четврта на Европското првенство, дивизија Б, во романскиот град Орадеа.

Младиот македонски репрезентативец имаше уште една извонредна партија во својата кариера.

На дуелот од конкуренцијата „Под 18“ години, за својот Новипиу Кампус Пиемонте, против екипата на Палаканестро Колеџ Баскетбал, Јакимовски постигна 42. поени.

Освен тоа имаше и 20. скокови на двете страни од теренот, сето тоа доволно за индекс на корисност – 57.

Тоа е и нов рекорд во оваа возрасна категорија во младинските лиги на Италија, што беше доволно, а и логично, Јакимовски да биде прогласен за МВП на овој круг од натпреварите, а навивачите да го прогласат за „Јакимонстер“.