Бојан Јовановски, контроверзниот лик познат како Боки 13, кој во последно време е актуелен како осомничен во случајот „Рекет“, во едно интервју за емисијата „Еден на еден“ изјавил дека за она што треба да го сработи, или наплаќа многу или работи за џабе, бидејќи не сакал да се пазари и некој да му ја потценува вредноста. Во ова интервју тој признава дека наплатил 200.000 евра за 4 месеци за турнеја во Србија и додава дека најмногу заработил од оние што со потсмев го нарекувале педер и зборувале „Види го, педер“ – пишува порталот МКД.мк.

Во 2018 година вкупните приходи на телевизијата 1ТВ што тој ја отвори изнесувале 39,232 милиони денари (околу 637 илјади евра), а приходите од рекламирање 33,944 милиони денари (околу 550 илјади евра).

Но, од многуте фотки со брендирана роба и луксузните автомобили постирани по социјалните мрежи, сега за сега му останаа само спомените. По луксузот Боки 13 заврши во Истражниот затвор во Шутка, а голем дел од брендираната роба заврши во заплените за случајот за кој тече истрага.

Од она што досега е објавено, на списокот на рекетирани имало триесетина бизнисмени. Некои од нив веќе имале средби со обвинителката што го води предметот „Рекет”, Вилма Рускоска.

Ако целиот случај се погледне одозгора, може да се даде една ваква дефиниција – луѓе од власта, со помош на еден или двајца специјални обвинители и еден или двајца извршители-рекетари, изнудувале пари со помош на веќе отворени или можни нови случаи на СЈО, по што со дел од парите ја одржувале телевизијата 1ТВ во живот, чија пак уредничка задача била заштита на политиките на власта.

Другиот, поголем дел од парите, бил подеднакво делен. Во кеш.

Досега во Основното јавно обвинителство за организиран криминал за случајот „Рекет“ изјави дале десетина бизнисмени, двајца градоначалници, адвокати и бројни други посредни и непосредни сведоци во рекетот на првиот човек на 1ТВ Бојан Јовановски.

Во целата мрежа на Боки 13 била вклучена и неговата невладина организација Меѓународен сојуз преку која исто така се извлекувале стотици илјади евра и се пробувало да се добиваат маркици за изградба на објекти за социјална намена.

Повеќе на МКД.мк