Претседателот, Ѓорге Иванов, го пречека папата Франциск во претседателската вила Водно каде се обрати на свечена церемонија и порача дека присуството на папата може да помогне, како што рече, во духовната обнова на земјата. Тој државата ја ословуваше како Република Македонија, неупотребувајќи го новото уставно име, а зборуваше и за актуелната политичка ситуација, нарекувајќи ја неизвесна сегашност.

-Доѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања и изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениската блокада на нашиот европски пат доведе до политички и морални кризи кои го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајните вредности. Црквата и џамијата служат за злоупотреби како граничници, тврдини за маркирање и бранење на замислени територии, како да се заборава дека сите ние сме луѓе без разлика на нашата вера – рече Иванов.

Тој додаде дека иако е православен христијанин, ги претставува сите граѓани, независно од нивната религија.

-Затоа како Македонец замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина. Вие не потсетувате дека иако нашата љубов кон Бога е променлива, божјата љубов е трајна. Го симболизирате патот на милоста, понизноста, што треба да го следиме ние тука во Република Македонија. Само така ќе можеме да им оставиме подобра иднина на младите и сеуште неродените – порача Иванов.

Претседателот на крајот од својот говор испрати повик до граѓаните.

-Повик да ја препознаете симболиката на оваа посета и преку понизност и простување да се вклучите во духовната обнова на Македонија пред да биде предоцна – заврши тој.

Извор: Фокус