Обвинетата поранешнаа специјална јавна обвинителка Катица Јанева на судењето за „Рекет“ рече дека не се чувствува за виновна и дека знае оти Јавното обвинителство нема никакви докази против неа.

– Горда сум на СЈО и тимот што го водев четири години. Горда сум на сите предмети што се отворија. За четири години направивме 171 предмет кои сите во различна фаза ги предадовме на Јавното обвинителство и очекувам тие да имаат завршница, рече Јанева.

Одговорно тврдам, кажа таа, дека како СЈО постапувала согласно закон и се што направила во СЈО ќе биде основа на изучување од следните генерации.

– Јас како СЈО во изминатите четири години се изложив лично, како и моето семејство на голем ризик и се уште одам гордо и со крената глава. Очекувам судот да донесе ослободителна пресуда за дело што е инструирано од јавната обвинителка и се надевам дека не се плашите од нејзините закани за „тресење од гаќи“, изјави Јанева.

Адвокатката на Катица Јанева, Ирена Фрчковска, кажа дека одбраната ќе докаже дека Јанева е невина и неосновано обвинета, злоупотребена со нечесни игри.