Целта на нападите од бугарската страна е тотално лишување од историја, историски развиток и континуитет на македонскиот народ, со што ќе дојдеме во ситуација македонскиот народ да биде лишен од државотворен легитимитет, а тоа е увод во деструктивни процеси, не сакам ни да мислам на тоа, вели академик Катица Ќулавкова во интервју за весникот ВЕЧЕР.

Денес сме неми сведоци на претворање на демократијата во црн пазар и задоволување на партиски и картелски интереси, кога поедини претставници на политичката номенклатура, во дослух со одредени поддржувачи од академската сфера, го занемаруваат општоприфатениот уставен, научен, наш, македонски пристап во толкувањето на статусот и функцијата на македонскиот јазик, го делегитимираат официјалниот македонски наратив за јазикот, создаваат крупни проблеми и по однос на надворешната позиција на Македонија и по однос на внатрешната позиција на етничките Македонци и на македонскиот јазик, тврди во интервју за весникот ВЕЧЕР Катица Ќулавкова, академик, универзитетски професор, книжевен теоретичар, есеист, антологичар, поет и раскажувач која јасно и гласно зборува за досега невидениот парадокс што се случува со негирањето на постоењето на македонскиот јазик, но и за други актуелни прашања.

Кои се нашите црвени линии кога е во прашање македонскиот јазик?

Македонскиот народ е трауматизиран од фактот дека сите црвени линии, зацртани во Уставот на Р Македонија од 1991, па и во 1945 година, се прекршени, повредени, ревидирани, обесчестени. Како да зборувам за црвени линии јас како писател, на пример, или како академик од 2003, време кога заправо сум повеќе сведок на нивното бришење одошто почитување. Кога и да сме реагирале, поединечно и како институција, никогаш нашето мислење не било уважено. Многу ставови сум искажала во моите есеи, анализи, студии и книги, ама тоа не стига до свеста на оние кои одлучуваат.

Почнувајќи од 2001 и промената на Уставот под воен и надворешен притисок, преку промената на топонимите со превод од изворниот и вековен македонски јазик на албански (а, да не заборавиме!) топонимите се доказен материјал, сведоштва на меморијата на територијата и на културата и јазикот на населението кое живеело на таа територија!), преку територијалната реорганизација, несоодветниот закон за средно образование, законот за јазикот од 2008 и подоцна од 2018, преку преструктурирањето на македонската држава во мултиетничка со што се наруши нејзината унитарност, а постепено и нејзината сувереност, преку Преспанскиот договор и маргинализацијата на македонската култура и наука, немаше резултат.

Македонија треба да биде демократска а не етнократска држава која ги поткопува демократските начела по сите основи. Денес сме неми сведоци на злоупотребата и претворањето на демократијата во црн пазар и задоволување на партиски и артелски интереси. Како да зборуваме за црвени цивилизациски и национални линии во таков општествен и политички амбиент?-одговори таа.

Целото интервју прочитајте го на ВЕЧЕР