Ајде да си играме држава. Заради тоа што сме „моќни“ бизнисмени, со по некој семеен бизнис, имаме доволно пари да кешираме и да си купиме места на чело  на државата и ни се може.  Ќе преговараме со неколку „странци“ па и „странски служби“, ќе понудат тие, ќе понудиме и ние и ете не’ на чело на државата, народот не’ изгласал.

И почнува сагата на Македонија. Секој ден по некој скандал, лажење, извртување на фактите, играње со мозокот на Македонецот. Им се смачи на луѓето. Не можат веќе да ве следат, ако тоа ви беше и целта, не сте далеку од неа. Да ги збуните до тој степен да се вртат во круг и да повторуваат: „Македонија во ЕУ и НАТО, Македонија во ЕУ и НАТО!“ . А на нив кутрите, сметките за струја да им се повисоки од месечните примања! Како сте тргнале со перење на мозоци, не Северна, сами ќе бараме да се викаме Зомбидонија.

Изјавите се секојдневни од типот рекол-одрекол. Вработуваме, ама не се тоа вработувања, привремени се.  Пренатрупаната администрација која беше тема на напад години наназад, претрпе нови 6000 вработувања во последните 7 месеци. Фризерки во МЕПСО, козметичарки стануваат директорки, зона на самракот и погазување на мерит системот. Каква инспирација за сите оние , според вашите пресметки, иселени 600.000 млади,  кои додека бевте најгласни ги повикувавте.  Никогаш нема да се вратат! Ние што останавме, што да правиме? Со тоа што WizzAir ќе си одат, мислите дека ќе не’ задржите овде, при вакви играња со мозоците и интелигенцијата? Колку и да сум саркастична, ова е претерано.  Небулозно. Патетично. Срамота и греота!

Продолжуваме со „играчките“. Имаме прогресивно задолжување. Според бројките секој ден изминативе 3 месеци, јавниот долг се зголемувал за над половина милион евра или поточно 580.645 евра дневно, додека пак државниот долг се зголемува секој ден за 311.827 евра.  Нема капитални инвестиции. Нема поврат на парите. Стасани сме до раб на колапс.

Од друга страна, она што секогаш ја одржувало Македонија во живот е земјоделството. Каде се ветуваните високи цени, откуп и извоз на земјоделските производи?  Така им скапа родот на луѓето по нивите, без цена, без пласман, или вратен од руска граница. И тоа што го продадоа, не им ги покри досегашните трошоци. Изгубено време, мака и пот. Изгубени вложени пари. Изгубен леб кој бил планиран да се истурка зимата.  Жално. И пак, срамота и греота!

Ѓубре и фекалии насекаде. Наезда од комарци во Скопје, затоа што, ете наводно, можело да се прска и во јули и август против нив. Не може! Сега ќе чекаме дали ќе се развие некоја болест, не дај Боже.

Со МВР граѓаните си бијат шега. Ги гледаме по кладилници, сведоци сме на нивните туристички аранжмани, се разрешуваат директори, се погазуваат должности. Министерството кое треба да е столб на една држава, според сите случувања, е само сварена шпагета. Жално.

Се делат тендери како подароци помеѓу ќерка и татко  и се злоупотребуваат службените положби.  Нека, па нека останат  парите во фамилијата. Директори, министри, бизнисмени, се е посватено, тендери се во прашање.

Се уште не дознавме чие беше Илинденското востание. На Републиката на М или на Бугарија?

Дали влеговме во НАТО или за џабе беа празните концерти во 15 градови низ државава? Прашувам, заради тоа што ни ги исправте мозоците!
Еве ја вистината: НАТО  за 18 месеци бара да се исполнат услови кои се потребни за влегување. Документот со упатствата кои треба да бидат исполнети, Владата го доби дури сега!  Доколку се исполнат условите, НАТО дури во 2020 ќе упати покана за влез во Алијансата! Дури тогаш со услов, ако и само ако се исполнат упатствата.

И затоа велам, ова е играње држава. И од цела играчка, ќе настане плачка, за нас и за сите идни поколенијата.

Заради тоа што, кој нема да полуди тука-не е нормален.