Ракометарите на Вардар по вторпат во клупската историја ја освоија титулата во Лигата на шампионите, иако никој не веруваше во нив и малкумина им даваа шанси за вакво чудо.

Иако пред завршниот турнир во Келн, иднината на силен Вардар беше ставена под знак прашалник, сега веќе не е така, па јасно е дека македонскиот тим и во следната сезона ќе биде кадарен за големи дострели.

Ракометот не е како фудбалот, кошарката, тенисот, па Вардар не може да се пофали дека добро се офајди од ЕХФ. Сепак кога ќе се соберат сите премии, тогаш се доаѓа до солидна сума на пари.

Од ИХФ парите допрва треба да се заработат. Со освојувањето на титулата, Вардар се пласираше и на Супер Глоуб, па ако одигра таму добро и стигне до титулаата може да добие 355.000 евра. За второ место премијата е 225.000 евра, додека за трето е 135.000 евра.

15.000 евра – премија од Неуромедика
135.000 евра – пласман на Ф4
500.000 евра – освојување на титула
500.000 евра – премија од Владата на Македонија
100.000 евра – премија од Град Скопје
100.000 евра – премија од АМС
135.000 – 355.000 евра – премија од Супер Глоуб

Сите овие суми се вкупно најмалку 1.485.000 евра, а доколку Вардар ја освои титулата на неофицијалното светско првенство Супер Глоуб може сумата да биде 1.705.000 евра.