Лансирана е програмата RISE – регионален инкубатор за социјални претприемачи, што има за цел да им овозможи на 200 млади луѓе од Западен Балкан да развијат идеи за социјално претприемништво, да помогнат во решавањето на проблемите од локалната заедница, но и поголеми можности за вработување.

Како што соопшти денеска Здружението за социјални иновации „АРНО“, кое е еден од стратешките партнери, станува збор за тригодишен проект кој започна на 1 октомври лани, а се спроведува во Западен Балкан.

Преку овој проект младите претприемачи ќе имаат можност да учат, растат и развиваат свои бизнис идеи преку работилници, програми за мобилност и финансиска поддршка.

Здружението посочува дека програмата е насочена кон млади претприемачи од нашата земја, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, и има за цел да го збогати екосистемот на социјалното претприемништво на Западен Балкан и да им овозможи на младите луѓе да развиваат иновативни социјални решенија, со што ќе придонесат за помирување и соработка во регионот.

-Проектот промовира дијалог и соработка преку мобилност на учесници, организирање регионални обуки, работилници и настани, како и создавање вистинска мрежа на млади претприемачи. На нашиот регион секогаш му се добредојдени вакви иницијативи, младите од регионот споделуваат во голема мера исти/слични предизвици и прашања, да се обидеме сите заедно да дадеме одговор, ете токму користејќи го социјалното претпримеништво, истакна Ирина Јаневска од „АРНО“.

Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој и Регионалната канцеларија за младинска соработка. Повикот за апликации ќе биде објавен во август.