Најскапиот светски фудбалер Нејмар, кој во август 2017 година направи светски рекорден трансфер од 222 милиони евра за да дојде во Пари Сен Жермен од Барселона, се предомисли и сега сака да си оди од „Паркот на принцовите“, објави францускиот магазин „Ле10Спорт“.

Нејмар неколкупати во изминатиот период објавуваше дека останува во ПСЖ, дека не си оди по бројните шпекулации за негово враќање во Шпанија (Реал Мадрид или Барселона), но сега очигледно се предомислил и тоа чисто од спортска природа. Втората елиминација на ПСЖ во осминафиналето во ЛШ и фактот дека е освоена само француската круна не ги исполниле амбициите на бразилската суперѕвезда.

Нејмар, како што пишува магазинот, сфатил дека со ПСЖ нема напредок, ниту големи трофеи и сето тоа порди лошата серија со неколку болни порази во Лига 1, меѓу кои и тој со 1-5 од второпласираниот Лил. Сепак, Нејмар е свесен дека платата од 36 милиони евра нема да ја добие во друг европски клуб.

Сега можно е Бразилецот да притисне да биде продаден, а со тоа ПСЖ сериозно да му ја намали отштетата, која во моментов според некои проценки е поголема и од 350 милиони евра. Инаку шпански медиуми пред една недела објавија дека во јуни 2020 година, Нејмар според клаузулата има отштета од „само“ 170 милиони евра.

Магазинот заклучува дека можно е ПСЖ да се реши да го продаде летово за да си ги врати 222-та милиони кои ѝ ги даде на Барселона.

Извор: sport1.mk