Новиот коронавирус SARS-CoV-2, според сѐ судејќи, не излегол од лабораторија во Кина, туку се наоѓал низ целиот свет „заспан“ долго пред да се појави ланската зима во Вухан со одредена комбинација на природни фактори, до ваков заклучок дошол вишиот научен соработник на Оксфордскиот Центар за емпириска медицина (Centre for Evidence-based Medicine, CEBM) и визитинг професор на Универзитот Њукасл, Том Џеферсон.

Врз основа на податоци добиени од целиот свет, Џеферсон изразува увереност дека вирусот бил присутен во различни земји во светот веќе извесно време. Така, рани траги од коронавирусот биле откриени во отпадните води во Барселона, собрани во март 2019 година, девет месеци пред потврдата на првите сличаи на Covid-19 во кинески Вухан. Слични резултати биле добиени и во Торино и во Милано минатиот декември, како и во канализацијата во бразилскиот град Флорианполис во ноември 2019 година.

„Сметам дека вирусот веќе бил тука, а под ‘тука’ мислам насекаде. Потполно е можно да имаме работа со заспан вирус, кој бил активиран од условите во средината којашто го опкружувала“, вели Џеферсон за британското издание The Daily Telegraph.

Како пример научникот го наведува примерот со заразата со коронавирусот на туристички крстосувач кој патувал од Јужна Џорџија до Буенос Аирес.

„На почетокот од февраури на Фокландските острови имаше случај (на зараза со коронавирусот). Од каде дошол таму? На крузерот кој пловел од Јужна Џорџија (субантарктички остров во Јужен Атлантик кој е дел од прекуморската територија на Велика Британија – Јужна Џорџија и Јужните Сендвичеви Острови – з.р.) до Буенос Аирес, патниците биле лекарски следени, а на осмиот ден кога го преминале Веделовото море, регистриран е првиот случај. Дали вирусот се наоѓал во храната која се приготвувала и се актовирала кога се растопил“, прашува британскиот научник.

Џеферсон притоа прави аналогија со масовната пандемија на „шпанскиот грип“ кој во периодот од 1918 до 1920 година, според различни процени, покосил околу 100 милиони луѓе, а инфициран бил практично секој трет жител на планетата.

„Во случајот со шпанскиот грип се случувале чудни работи. Во 1918 година околу 30 отсто од населението на Западна Самоа починало од шпанскиот грип, иако тие немале никаков контакт со надворешниот свет“, вели Џеферсон.

Според експертот, тоа може да се објасни само со фактот дека предизвикувачките агенси на вирусот не доаѓаат од никаде и не одат никаде.

„Тие секогаш се тука, и понекогаш нешто ги активира, можеби густината на светското население или условите во животната средина. Токму тоа е она што мораме да го проучиме“, појаснува Џеферсон и додава дека вирусот можеби не се пренесува меѓу луѓето само преку капките во воздухот, туку и преку отпадните води.