Независната пратеничка група вчера побара оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Ваквото барање, велат, следува откако Мицкоски го достигнал врвот на лицeмерието со тоа што најавил поднесување на иницијатива, по примерот на Црна Гора, за ратификација на протоколот за НАТО со одложено дејство, односно пред распуштањето на Собранието поради предвремените избори, а кој би влегол во сила кога ќе го усвои и шпанскиот парламент.

За пратениците од Независната пратеничка група, со ова Мицкоски сака да го фати последниот воз, сега кога знамето на државата ќе се вее на Самитот на НАТО во Лондон, за предизборно да покаже колку „демек“ му се важни евроинтеграциите.

Според упатените ова е доказ дека Независната Пратеничка Група делува по насоки на владејачката политичка гарнитура. бидејќи и самата реторика во пресовите е слична ако не и иста како онаа на премиерот Заев.

Сепак вчера пратеничката Елизабета Канческа Милевска се дистанцираше од изјавите на своите колешки од НПГ.

Таа за Вечер рече дека не била запознаена ниту консултирана за пресот на колешката Емилија Александрова, која го обвини Хистијан Мицкоски за лицемерие и побара од него оставка.

Таа смета дека Мицкоски не направил лош чекор со тоа што најави иницијатива за ратификација на протоколот за членство во НАТО пред да се распушти Собранието, со што би имал одложено дејство, односно кога ќе биде усвоен и во шпанскиот парламент.

-Не сум запознаена ниту консултирана за пресот на колешката Емилија Александрова. Јас денеска не бев во Собрание, бидејќи имав некој други обврски. Секој може да доставува предлози и иницијативи до Собранието, секој може да има различен став и мислење по одредени прашања, и кога ќе ја видам таа иницијатива тогаш и би се произнела. Не сметам дека предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ратификација за членството во НАТО е за осуда, напротив тоа е само чекор поблиску до остварување на таа цел. Немам зошто да барам оставка од лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тој на конгрес е легитимно избран претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и многу е јасно кој му ја дава и кој му ја одзема довербата, вели Канческа Милевска.

Извор: Курир.мк