Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и официјално го одобри протоколот за тренирање во ракометни сали по што екипите ќе можат да почнат со тренажниот процес во пресрет на стартот на новата сезона.

Според протоколот во првите три дена тимовите ќе може да тренираат во сала, а играчите ќе работат индивидуално без физички контакт.

Потоа во следните седум дена ќе се работи во мали групи не повеќе од петмина во група и за крај во зависност од процената на тренерот екипата ќе може да работи во комплетен состав и со полн капацитет.

Играчите ќе мора сами да доаѓаат на тренинзите, а доколку се користи автобус тие ќе мора да ја одржуваат физичката дистанца и на секои две седишта да седи по еден ракометар.

При влегувањето во сала мора на сите да им се измери телесната температура која мора да биде 36 или 37 степени целзиусови, а се пропишува и строго дезинфицирање на сите простории и предмети како и да се избегнуваат сите социјални активности пред и по тренингот.

Што се однесува до натпреварите пропишано е секоја од екипите да пристигнува во строго определено време и да нема директен контакт при влегувањето во салата.