Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 173.111 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 6.664, а оздравени се 77.785.

– Учењето на далечина во основните и средните училишта во Србија почнува утре. За сите основци образовните содржини ќе бидат емитувани на телевизискиот канал РТС 3, а сите емитувани ласови ќе бидат емитувани и на платформата РТС Планета.

– Шведската Влада претстави пакет мерки вреден околу 30,94 милијарди долари за поддршка на економијата во екот на пандемијата на коронавирусот. Со пакетот мерки, меѓу другото, се предвидува централната Влада целосно да ги преземе трошоците на компаниите за боледувањата во текот на април и мај, како и голем дел од трошоците за отпремнини поради временото отпуштање на вработени поради кризата.

– Приштина од денеска ги суспендира сите летови од тамошниот аеродром поради ширењето на коронавирусот. Исклучок се транзитните линии за патници кои ја напуштаат косовската територија.

– Акциите на европските берзи забележаа пад за повеќе од осум отсто бидејќи пандемијата на коронавирусот зафати поголем дел на Европа, а мерките за драстично монетарно ублажување на водечките свестки централни банки не успеаја да ја вратат довербата на инвеститорите, која е разнишана поради стравот од зголемување на економските штети.

– Компанијата „Луј Витон“ ќе почне да произведува средства за дезинфекција на раце, кои во Франција ги нема во доволно количество, а која на властите ќе им го достави бесплатно. За тоа ќе се користи производствената линија на парфеми и козметика, се наведува во соопштението на модната компанија. Производството ќе започне денеска и ќе трае се додека француските здравствени власти сметаат дека е потребно.

– Во Хрватска досега се пријавени 40 лица поради непочитување на самоизолацијата, соопшти министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ.

– Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел свика нови вонредни разговори на лидерите на ЕУ, а главна тема ќе биде коронавирусот. Лидерите ќе разговараат преку видео конференциска врска, напиша Мишел на Твитер.