Против две лица Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози заради сторени кривични дела – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информираат од Јавното обвинителство.

-Првиот обвинет, на 18 март, на граничниот премин Деве Баир, враќајќи се од Бугарија, потпишал изјава дека ќе се самоизолира во траење од 14 дена во неговиот дом во Крушопек. Но, не постапил според прописите и наредбите на Владата со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразната болест КОВИД-19. На 19 март, при полициска контрола, 42-годишниот обвинет не бил затекнат во неговиот дом, велат од Јавното обвинителство.

Воедно оттаму информираат дека вториот обвинет, пак, на 24 март во 23:50 часот не ја почитувал Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена со цел да се спречи ширењето на коронавирусот,

– Со патничко моторно возило „Фолксваген голф“ се движел по локалниот пат од Кондово кон Сарај. При обид да биде контролиран од страна на полициски службеници, обвинетиот 29-годишник, не застанал и продолжил да се движи, објаснуваат од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот кривичен суд Скопје му предложил на двајцата обвинети да им изрече парични казни од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.