Економската состојба на деловните субјекти во мај 2019 година е поповолна во однос на претходниот месец, а поповолна е и во однос на мај 2018 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми, соопшти Државниот завод за статистика.

Повикувајќи се на оценката на раквоодителите на деловните субјекти, ДЗС наведува дека и состојбата на обезбеденоста на производството со порачки е поповолна во мај 2019 во однос на април 2019.

Поповолни се и очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци од претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени во однос на април 2019 година.

Раководителите сметаат и дека индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во мај 2019 година е зголемен за 0,2 процентни поена во однос на април 2019 година и изнесува 21 и во однос на мај 2018 година е зголемен за 1,5 процентен поен.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2019 година изнесува 69,6 отсто.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат недостигот на квалификувана работна сила со 26 проценти, недоволната странска побарувачка со 16,8, недоволната домашна побарувачка со 14,4 и неизвесното економско опкружување со 10,8 отсто.