До Јавното обвинителство на Република Македонија за сега е пристигната само една кривична пријава во која партија се пожалила дека се врши поткуп пред референдумот и тоа за излегување и гласање.

Јавниот обвинител Џељал Бајрами одби да каже која партија стои зад пријавата и само рече дека кривичното дело за кое се однесува пријавата е за поткуп при избори.

Тој денеска информираше дека се дадени задолженија на обвинителствата, покрај редовните дежурства да имаат и дополнителни за време на викендот со цел навремено делување доколку има пријави за сторени кривични дела.

-Упатувам повик до сите граѓани, невладини организации, до партиите, домашните и меѓународни институции кои ценат дека има неправилости поврзани со организирање и спроведување на референдумот истите да ги пријават на адресата на Јавното обвинителств. За сега атмосферата е мирна, се надеваме во ваква мирна атмосфера ќе се спрведе и референдумот. Ние будно ја следиме секоја активност – рече Бајрами.