Репрезентативецот на Хрватска, Иван Ракитиќ, во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“ во петокот изјави дека има намера да игра за Барселона следната сезона, односно до истекот на неговиот договор, и дека освојувањето на Лигата на шампионите би ги заборавило сите лоши работи од оваа сезона.

– Отсекогаш сум велел дека сакам. Не треба да размислувам поинаку, рече 32-годишниот играч од средниот ред кога го прашаа дали сака да продолжи да игра за Барселона.

Првиот дел од сезоната тој главно седеше на клупата, за прв пат од доаѓањето на летото 2014 година, кога дојде во клубот.

– Секој што ме познава знае дека сакам да играм, тоа е она што го сакам. Имам голема почит кон сите. Не сакав да се ставам пред другите или да направам нешто што може да создаде лоша атмосфера во групата, рече Ракитиќ, кој играше на 41 натпревар во текот на кои асистираше четири пати и постигна гол.

Тој смета дека неговата работа на теренот не се гледа доволно, па славата им припаѓа на напаѓачите.

– Кога некој не го гледа натпреварот, тој подоцна прашува како заврши и кој постигнал гол. Тој не прашува кој игра добро, кој спасил гол, одзел најмногу топки. Но, во тимот секој има своја улога. Би сакал да дриблам како Меси или да постигнувам голови како Суарез, но ова е Барса и сите имаат свои квалитети. Јас сум тука да помогнам, да трчам, да придонесувам колку што можам во нападот и одбраната, рече тој.

Во последно време се зборуваше дека во каталонскиот клуб има многу играчи кои влегле или поминале на возраст од 32 години, како што се Ракитиќ, Меси, Луис Суарез, Серхио Бускетс и Жерар Пике.

– Но, ова се играчи што секој би ги сакал. Можам да зборувам за себе, се грижам повеќе за себеси од кога било, така што се чувствувам подобро од кога било, рече тој.

Во јануари, Кике Сетиен седна на клупата, екипата испадна од Купот и по паузата поради коронавирусот ја загуби титулата шпански шампион ,која отиде кај ривалот Реал Мадрид.

– Тренерот дојде во јануари, директно на натпревар. После тоа бевме затворени во куќи заради коронавирусот. Ова е истата група на играчи, само со неколку нови фудбалери, така што мора да останеме позитивни бидејќи сè што постигнавме порано беше затоа што се држевме заедно. Ние се обидуваме да ја одземеме топката од противникот што е можно поскоро, но пред нивниот гол, затоа што можеме да нанесеме многу штети со нашите напаѓачи. Неопходно е да работиме заедно, во координација, затоа што во случај кога противникот ќе се спротивстави, треба да трчаме 70 метри назад. И тука имаме проблеми. Треба да бидеме поагресивни и попаметни. Понекогаш е неопходно да се изврши фаул, не е важно дали некој ќе добие картон, рече Ракитиќ.