Штета за домаќинствата од излевање инсталации и од пожар се најчестите ризици по кои има исплата на штети во осигурителните компании.

Основните ризици од кои граѓаните може да го осигураат својот дом се пожар, гром, експлозија, излевање вода од инсталации, манифестации и демонстрации, паѓање летала и невреме.

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето наведуваат дека во последно време граѓаните се заинтересирани да го осигуруваат својот дом и од земјотрес.

За да се осигура од кражба домаќинот треба да плати исто така дополнително од оние седум основни ризици.

Премијата што треба да ја плати едно семејство за осигурувањето од седумте основни ризици за стан од 50 илјади евра вредност би била околу 25 евра годишно.

Климе Попоски од Агенцијата за супервизија на осигурувањето истакнува дека продуктите стануваат подостапни за граѓаните и дека во првиот квартал од годинава има зголемување на бројот на склучени договори, при намалена остварена бруто-полисирана премија.

– Кај физичките лица има огромен пораст во бројот на продадени договори во првиот квартал од оваа година, што се должи и на полисите во земјоделството.

Цената има свое влијание, бидејќи имаме зголемен број на продадени договори, а имаме намалување на остварената бруто-полисирана премија.

Тоа значи дека продуктите се подостапни. Најчесто кај домаќинското осигурување и кај осигурување од основните ризици – пожар, поплава не од надворешно влијание, туку од инсталации, но исто така и застапеност и на кражба, што не влегува во основен ризик.

Како дополнителен ризик во последно време се купува и земјотрес – изјави Попоски.

Бројките покажуваат дека во првиот квартал е забележан пад на бруто-полисираната премија од 5,83 отсто. Остварената бруто-полисирана премија од домаќинско осигурување изнесува 455,76 милиони денари.

Притоа е забележан раст на бројот на склучени договори од 26,39 отсто.

Компаниите на клиентите, покрај осигурување од основните ризици, имаат понуда за повеќе ризици. Низ повеќе комбинации може да се направи осигурување според потребите на клиентот.

Дополнително може да го осигураат домот од кражба, поплава, штети кон соседи, нужно сместување, осигурување на предметите во домот.