Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини оствари официјална средба со првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино во седиштето на Светската фудбалска асоцијација во Цирих, соопшти ФФМ.

– ФИФА и претседателот Џани Инфантино многупати досега ја искажуваа својата поддршка за Фудбалската федерација на Македонија и затоа цврсто веруваме во стратегијата и мисијата на ФИФА под водство на г. Инфантино. ФФМ ќе продолжи да дава придонес за идеите, сегашните и идните проекти на ФИФА кои секогаш се усмерени кон развој на фудбалот. Разговаравме за македонскиот фудбал и проектите кои се насочени за негов развој. Ги потенциравме нашите заложби за подобрување на инфраструктурата, зголемување на фудбалската база и континуираното вложување во академиите и националните тимови. Кога ќе погледнеме наназад, гледаме и грешки – каде што се луѓето, секогаш ќе се случуваат и грешки, но најважно е да учиме од нив, изјави Сејдини.

Првиот човек на ФФМ е оптимист околу иднината на фудбалот во регионот.

– Драго ми е што и малите федерации, како нашата се повикани да го кажат своето мислење и сугурен сум дека можеме да најдеме решение кое ќе биде добро за сите, а претседателот Инфантино покажува дека знае да пронајде вистинска рамнотежа. Од име на ФФМ благодарност до г. Инфантино за убавите зборови искажани за нашата федерација и се надевам дека и во иднина ќе работиме уште повеќе за промоција и унапредување на фудбалот, нагласи Сејдини.