Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) точно напладне почна предупредувачки марш за потпишување колективен договор со кој ќе се уредат платите, коефициентите според сложеноста на работните места и условите за надоместоците на плата во дејностите од културата. СКРМ на 20 јуни донесе одлука за штрајк доколку до крајот на септември не биде потпишан колективен договор и не се донесе нов закон за културата.

– Помина 30 септември, колективен договор сè уште немаме и затоа денеска излегуваме со марш како последно предупредување пред да ја активираме нашата постапка за штрајк. Со Министерството за култура сме во добра соработка, на наше барање по долго време се активираше работната група за колективниот договор. Сме во преговори и се надеваме дека ќе постигнеме некаков договор. Имаме ветување и од Владата дека средства за колективен договор ќе бидат обезбедени и дека тој ќе се спроведе од 1 јануари 2020. Но, тоа не значи дека не треба денес да маршираме. Нашето искуство покажа дека ветувањата не беа исполнети во минатото, изјави Сања Арсовска, претседателка на СКРМ, на стартот на протестниот марш зад Филхармонијата.

Минатата година биле изоставени од колективен договор и затоа, рече таа, Синдикатот бараше нивелација на платите која се спроведе во мај годинава.

– Нивелацијата се протолкува како зголемување на платите во културата. Не, тоа беше порамнување на платите и исправање на една неправда што се случуваше во минатото. Она што сега им следува на вработените во културата е колективен договор во кој ќе се уредат платите, коефициентите според сложеноста на работните места, точно ќе се уредат условите за надоместоците на плата, истакна Арсовска.

Додаде дека заложба на СКРМ било да се потпише колективен договор врз основа на нов закон за култура, но бидејќи законот со кој би се регулирале правата сè уште не е донесен тие, нагласи Арсовска, повеќе нема да го чекаат неговото донесување и колективниот може да го потпишат врз основа на постојниот закон.

СКРМ го продолжи маршот кон Владата од каде што учесниците ќе продолжат кон Министерството за култура и таму ќе ја искажат пораката на протестот – „Колективен сега!“.

ФОТО:МИА