Најтрофејниот европски ракометен клуб, Барселона, ги прати своите ракометари на одмор, но од главите не можат да ги избришат сцените од второто полувреме против Вардар и пресвртот кој наместо во Каталонија, ја донесе титулата во Скопје.

Спортскиот директор, Давид Баруфет уште еднаш се наврати на епското полуфинале на 1 јуни, ги нападна и судиите, но потврди дека главната вина големата Барса треба да ја бара во своите редови.

„Имавме 15 лоши минути против Вардар, во кои ниту еден ракометар не направи ништо позитивно. Судиите нè оштетија, но ние со ништо не реагиравме и дозволивме Вардар да ја добие таа екстра помош. Ни се случи чудна блокада. Промашивме удари што не ги промашуваме, загубивме топки што обично не ги губиме и ни се случи сè лошо што може да ни се случи. Згора на тоа, ракометарите се деконцетрираа со судиските грешки“, вели директорот на Барса.

Тој објасни дека Пасквал ќе остане на клупата и следната сезона и потврди дека клубот веќе го реализирал преодниот рок и нема повеќе да купува за сезоната 2019/20.

Барселона освои шест од седумте можни титули и не успеа да го повтори успехот од пред четири години.

Извор: Гол.мк