Во светот починаа повеќе од 250.000 луѓе од коронавирус, но светот полека, со претпазливост, се враќа на нормалните активности.

Најмалку 12 земји, вклучувајќи ги и Германија, Италија и Шпанија, започнаа да ги ублажуваат мерките што беа преземени за да се спречи ширењето на коронавирусот, што е еден вид тест кој треба да покаже дали економијата може да се спаси, односно она од што се живее, а притоа животите на граѓаните да не бидат загрозени, пишува „Њујорк тајмс“.

Во Германија, која пријави 163.100 заразени и 6.692 смртни случаи, некои деца се вратија на училиште, a исто така ги отворија и зоолошките градини, музеите и фризерските салони, кои беа затворени кон средината на март.

Шпанија постепено се враќа во нормалниот живот, а прво се отвораат мали продавници и фризерски салони. Франција се подготвува да започне со олеснување на ограничувањата на 11 мај.

Италијанците во моментот се занимаваат со семантика, пишува „Њујорк тајмс“, откако нивниот премиер изјави дека можат да ги посетуваат роднините, како и луѓето со кои на некој начин се во релација.

Многу власти во Европа ги олеснија мерките со предупредување, но исто така и надеж дека ќе треба повторно да воведат карантин ако повторно избие епидемијата.

„Колку што потстрижував, толку и дезинфицирав“, кажа еден фризер во Барселона откако повторно го отвори својот салон.

По 42 дена, Грците можеа да ги напуштат своите домови без потврда за излегување, додека фризерските салони, библиотеките и другите помали продавници се отворени.