По синоќешната тесна победа од 2:1 над Лацио, Јувентус е на дофат на титулата. „Бјанконерите“ едноставно се најдобри во Италија во последната деценија, и тоа не само благодарение на конкуренцијата, пречесто стихијна, неорганизирана. Оваа машинерија работи како подмачкана. Тоа впрочем го покажува од година во година со постојано надоградување на тимот. Така беше и минатата сезона кога го доведоа Кристијано Роналдо, кого Реал Мадрид практично го отпиша. Малку кој веруваше дека Португалецот ќе доживее „нова младост“. Но, како само сите се излажаа.

Кристијано Роналдо, работник и суператлета каков што е, само доби мотив повеќе и во поодминати играчки години да продолжи да гази се пред себе.

И така и се случи бидејќи Португалецот веднаш почна, во негов стил, да се исплатува. И еве, две лета подоцна од разделбата со „Кралевите“, со синоќешните два гола во мрежата на Лацио, само потврди дека во Италија му нема рамен. И на Јувентус, секако.

Потврда пристигна и од ФИФА, која на своите профили на социјалните мрежи наведе дека синоќа Португалецот срушил три рекорди: Првиот е дека Роналдо е прв играч на Јувентус уште од 1952 година кој постигнал 30 и повеќе гола во Серија А. Потоа, најбрзо стигнал до 50 гола во Серија од 1985 година, а потребни му беа само 61 натпревар и третиот рекорд се однесува на тоа дека е првиот човек кој постигнал 50 и повеќе гола во англискиот, шпанскиот и италијанскиот шампионат.

И што да се каже после ова? Само сетете се какви се имиња минаа низ Серија А и како на 35-годишниот Роналдо му беа потребни само две сезони за сите да ги остави во сенка. Ни прекинот поради пандемијата не му сметаше да се врати на теренот во полна форма.