Депозитите на граѓаните во домашниот банкарски сектор растат со 10,5 отсто. Има повеќе депозити од апсорбционата способност на населението и фирмите. Најголемиот дел се депозити од физичките лица, но банкарите забележуваат на последици што може да се случат доколку почнат да се оданочуваат каматите на депозитите.

Ова беше посочено од страна на членките на Македонската банкарска асоцијација на средба со претседателот Стево Пендаровски, на која ги претставија резултатите од работењето, но ги наведоа и предизвиците со кои би се соочиле. Побараа поддршка, а добија ветување дека може да се обратат до него, кој е прв претседател, кој во Кабинетот има и економски тим.

Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева истакна дека треба да се најдат најдобри решенија што нема да има последици.

Според неа, многу се мали средствата што би се влеале во буџетот од данокот на каматите, но посочува дека досега била сведок на повлекување депозити од банките во три наврати.

– Дали може да предизвика повлекување на депозитите не знаеме. Како банки не би имале проблем да исплатиме доколку се случи тоа, но генерално системски не би било убаво да имаме одлевање на депозити, потенцира Стевкова Штериева, која порача дека во законските решенија треба да се најдат решенија за примена на европските директиви но тоа да биде откако ќе влеземе во ЕУ.

Таа посочи и на одредби што, исто така, може да предизвикаат нарушување на досегашната пракса и порача и за нив да се најде решение да не се применува веднаш. Законот, како што појасни таа, е во работна верзија и посочи дека побарале да имаат и свој претставник во подготовката на законот.

Во земјава работат 15 банки и две штедилници, од кои 11 се со странски сопственик. Педесет и седум отсто од вкупниот потенцијал на банкарскито сектор е кај трите најголеми банки или 517 милијарди денари (8,4 милијарди евра). Шест милијарди евра се пласирани како кредити кон фирмите и граѓаните. Кај кредитите кон населението доминираат потрошувачките, а од кредитите кај фирмите во индустријата и трогијата на големо и мало. Седумдесет проценти од средствата се финансираат од депозитите кои најголем дел доаѓаат од населението.

Она што посочија банкарите е дека во наредниот период треба да работат заедно и со реалниот сектор да напават баланс меѓу кредитите во населението и фирмите.

Според презентираното, банките имаат средства за поддршка на економијата и оти очекуваат квалитетни проекти.